Ракот на грлото на матката е малигна неоплазма на цервиксот на матката или на цервикалнaта  површина (тесниот дел на матката каде што истата се спојува со врвот на вагината). Може да се манифестира со вагинално крварење, но симптомите можат да бидат отсутни се до додека ракот не дојде во напредната фаза. Третманот се состои од хируршка операција (вклучувајќи ги и локалните ексцизии) во раните фази, а хемотерапија и радиотерапија во напредна фаза на болеста.

Со ПАП тест скринингот може да се идентификуваат потенцијално преканцерозните промени. Лекувањето на промените од повисок степен можат да го спречат развојот на ракот. Во развиените земји, широката употреба на скрининг програмите за превентива  од  рак на грлото на матката, ја намалуваат инциденцата на инвазивниот рак на грлото на матката за 50% или повеќе.

Инфекцијата со Хуман папилома вирусот (ХПВ) е неопходен фактор за развојот на речиси сите случаи на рак на грлото на матката. ХПВ вакцините кои се ефикасни против два вида на ХПВ, кои во моментов предизвикуваат околу 70% од сите типови на рак на грлото на матката, се лиценцирани во САД, Канада, Австралија и ЕУ. Бидејќи вакцините ги покриваат само некои (високоризични) видови на ХПВ кои предизвикуваат рак, жените треба да прават редовни ПАП тест скрининзи, дури и по примањето на вакцината.

Повеќето цервикални карциноми се сквамозно-клеточни карциноми, кои произлегуваат од сквамозните (плочести) епителни клетки кои го обложуваат грлото на матката. Аденокарциномот, кој се развива во жлездените епителни клетки  е вториот најчест тип на рак на грлото на матката. Многу ретко, може да настане рак од другите типови на клетки во грлото на матката.