Лимфните јазли се мали органи со облик на гравче кои имаат задача да ја филтрираат лимфната течност и лимфоцитите, а со тоа да ги отстранува бактериите и вирусите, Лимфоцитите се тип на бели крвни клетки кои помагаат во борбата на организмот против разни инфекции.

Од главата, па до петите во човечкиот организам постојат околу 600 лимфни јазли, стратешки се лоцирани близу местата каде влегуваат бактериите во организмот. Некои лимфни јазли може да се почувствуваат, како оние на препоните, под пазувите и на вратот,  за разлика од оние во стомакот, карлицата и на градниот кош.

Лимфните јазли во организмот се распоредени симетрично, како слика во огледало. Кога се борат со некоја инфекција лимгните јазли отекуваат и се болни. Лимфниот ситем наликува на дрво со многу гранки, кои се нарекуваат лимфни садови низ кои тече безбојна течност наречена лимфа.

Лимфниот систем е мрежа од лимфни садови, лимфни јазли и органи, дел од имунолошкиот систем на организмот игра главна улога во одбраната од инфекции и разни тумори. Малигната болест на лимфниот систем е Лимфома. Постојат два основни типа, Хочкин и Не- Хочкин лимфом.

Лимфомите се група на карциноми во кои клетките на лимфниот систем стануваат абнормални и почнуваат неконтролирано да растат. Има два главни вида на лимфоцити, а тоа се, Т клетки и Б клетки.

Малигните лимфоми се создаваат од овие клетки. Почест тип кај возрасните се Б клеточните лимфоми, додека кај децата Т и Б клеточните лимфоми се речиси исто застапени. Лимфомите се делат на два главни типа: Хочкин (ХЛ) и Не-Хочкин лимфоми (НХЛ).

Не-Хочкин лимфомите се составени од околу 10 подтипови и 20 различни ентитети на болеста. Поделбата е врз основа на тоа дали лимфомот е со низок градус (напредува полека) или висок градус (напредува брзо). НХЛ, исто така, се групирани според клеточниот тип на Б-клеточен или Т-клеточен тип.

Најголемиот број на лимфомите се јавуваат во лимфните јазли, а околу 20% се јавуваат во други органи, како на пример белите дробови, црниот дроб или гастроинтестиналниот тракт. Кога лимфомите ќе се создадат, малигните лимфоцити се размножуваат неконтролирано и не ги извршуваат своите нормални функции што влијае врз способноста на телото да се бори против инфекции.

Малигните клетки може да ја окупираат коскената срцевина и во зависност од степенот, да го спречат создавањето на нормалните црвенте и белите крвни клетки и тромбоцитите.