Кај пациенти третирани со хемотерапија за рак на дојка (но исто така и кај пациенти третирани со хемотерапија за други малигноми), може да дојде до т.н. “когнитивно оштетување” или дисфункција што може значително да влијае на квалитетот на животот по завршувањето на третманот. Под когниција, се подразбираат менталните процеси кои се засноваат на размислување, одлучување, решавање на проблеми, замислувања и други аспекти на размислување, а согласно на тоа когнитивните нарушувања укажуваат на потешкотии во обработката на информациите, менталните процеси како што се задржување на вниманието, меморијата, концентрацијата, учењето, визуелна меморија.

Овие промени се нарекуваат ‘‘кемомозок‘‘ (chemobrain) или кемомагла (kemofog), и спрема интензитетот може да варираат од благи пречки, па до тешки оштетувања, што е слично на предсенилна  деменција. Когнитивните пречки може да траат пократко, да се пролонгираат (неколку години по третманот) или да се појават одложено,  односно со месеци по завршувањето на третманот. Не е можно однапред да се предвиди за одреден пациент во која мерка по третманот со хемотерапија ќе се развијат когнитивни пречки или колку долго ќе траат. При развој на ‘‘кемомозок‘‘ пациентите се советуваат да планираат активности според степенот на когнитивното нарушување: составување на потсетници, пораки, ‘‘дневни планови‘‘, придржување на однапред направен распоред на активности, избегнување на истовремено решавање на неколку проблеми-фокусирање на една работа, ‘‘вежбање на мозокот‘‘-учење на нови вештини, странски јазик, решавање на крстозборки, доволно сон и одмор, вежбање и неизоставна помош и поддршка од семејството и пријателите.

ИМАМ СЛАБИ  ВЕНИ, А ЌЕ  МОРАМ  ДА  ДОБИВАМ  ЦЕЛНА  ТЕРАПИЈА  ЕДНА  ГОДИНА.  МОЖЕ  ЛИ  ОВАА  ТЕРАПИЈА  ДА  СЕ  ЗЕМА  ВО  ТАБЛЕТИ?

Веројатно се работи за терапија со Трастузумаб, која е насочена, биолошка терапија. При тоа лекување се користат лекови или други соединенија, како што се моноклонски антитела, за да се откријат и уништат специфични туморски клетки. Целното лечење може да има помалку несакани ефекти од другите типови на лекување кои се користат во третманот на малигни заболувања. Трастузумаб денес се дава супкутано – под кожата. Примената е поедноставна и трае значително пократко од давање преку инфузија во вена.