Под мотото „Заштита на младите од манипулации на тутунската индустријата и спречување на нивно користење тутун и никотин“ годинава се одбележува 31 мај, Светскиот ден против пушењето. Главната идеја на кампањата на Светската здравствена организација е да се зголеми свеста на светската јавност за негативниот ефект на тутунот.

Бидејќи тутунската индустрија сè повеќе ги таргетира младите луѓе, овогодинешната кампања на Светската здравствена организација се фокусира на заштита на помладите генерации.

Над 40 милиони млади луѓе на возраст од 13-15 години веќе користат тутун. Според податоците од 2015 година, 17% од младите луѓе на возраст меѓу 15 и 24 години пушат низ целиот свет. Во европскиот регион 11,5% од девојчињата и 13,8% од момчињата на возраст меѓу 13 и 15 години се корисници на тутун.

Застрашувачки е податокот дека во Македонија, околу 50% од лицата над 15 години се редовни пушачи. Граѓаните на Македонија се на трето место во светот според бројот на испушени цигари по жител годишно, а бројот на пушачи постојано се зголемува.

Едукацијата на младите е од огромно значење затоа што 9 од 10 пушачи започнуваат да пушат пред 18-годишна возраст. “Ние сакаме да им обезбедиме на младите луѓе да зборуваат против манипулацијата на тутунската индустрија “, рече Рудигер Креч, директор за здравствена промоција во СЗО.

Податоците говорат дека пушењето е убиец на речиси 8 милиони луѓе годишно. Од нив, 884.000 се непушачи кои умираат како резултат на пасивното пушење. Негативното влијание на цигарите и на чадот од цигарите е директно поврзано со многу сериозни заболувања. Од Светската здравствена организација предупредуваат дека повеќе од 40% од пушачите низ светот умираат поради проблеми поврзани со дишните патишта, меѓу кои и рак на белите дробови.

Веќе неколку децении, карциномот на бели дробови е најчестиот тип на карцином во светот и е одговорен за 1 од 5 смртни случаи предизвикани од малигна болест. Пушењето е поврзано со околу 80% од сите дијагностицирани случаи на карцином на бели дробови. Ширум светот, три лица умираат од карцином на бели дробови секоја минута.

 

Од Светската организација препорачуваат бројни и ефикасни мерки со кои земјите би можеле да ја намалат употребата на тутунот. Така, се препорачува создавање области во кои пушењето, промоцијата и продажбата на цигари ќе биде целосно забранета. Во дел од препораките е зголемување на даноците на цигарите и другите тутунски производи со цел да се отежни достапноста до нив. Земјите можат да ги заштитат младите од индустриската експлоатација со воспоставување на строги закони за контрола на тутунот.