Ризикот од ова заболување се зголемува со возраста на жената, најчесто се јавува кај жените по 50-тата година од животот, кај 25 проценти од жените се јавува на возраст под 50  години, а кај 5 проценти од жените заболувањето се јавува под 35-годишна возраст.

Меѓу ризик факторите за појава на рак на дојка, пред сè, е генетската предиспозиција, потоа има влијание хормонската терапија со естрогени, изложеноста на јонизирачко зрачење. Зголемен ризик за појава на ова заболување има кај дебелите жени и кај жените што не раѓале. Поновите истражувања укажуваат дека и одредени животни навики како пушењето, консумирањето алкохол и намалената физичка активност го зголемуваат ризикот од појава на овој вид рак. 

Ако болеста е откриена во ран стадиум, третманот почнува со хируршка операција, односно отстранување на заболеното ткиво. Понатамошното лекување може да опфати примена на хемотерапија, хормонска терапија или зрачна терапија, според резултатите од постоперативниот хистопатолошки наод. Ако се работи за поголем тумор или за клинички палпабилни лимфни јазли во пазувите, лекувањето може да почне со хемотерапија, а потоа да се направат оперативниот зафат и зрачната терапија.