Знаци и симптоми
Во раните фази  ракот на грлото матката може да биде сосема асимптоматски. Вагинално крварење, контактно крварење или (поретко) вагинална маса може да укажуваат на присуство на малигном. Исто така, умерена болка за време на сексуален однос и вагинален исцедок  се симптоми на рак на грлото на матката. Во напредната фаза на  болеста, може да бидат присутни метастази во абдоменот, белите дробови или на друго место.

Симптомите на рак на грлото на матката во напреднат стадиум  може да вклучат: губење на апетит, губење на тежината, замор, болки во карличниот дел, болки во грбот, болки во нозете ,еднострано отечена нога, силно крварење од вагината, протекување на урина или измет од вагината и  фрактури на коските.

Епидемиологија
Во светот, ракот на грлото на матката е дванаесетти по честота и петти по смртоност рак кај жените. Заболуваат околу 16 од 100.000 жени годишно, а околу 9 од 100.000 жени умираат годишно. Околу 80% од цервикалните карциноми се случуваат во земјите во развој. Најновите статистички истражувања покажуваат дека на глобално ниво во 2008 година имало 473.000 случаи на рак на грлото матката и 253.500 смртни случаи годишно.

Во Европската Унија, имало околу 34.000 нови случаи годишно, а над 16.000 смртни случаи поради рак на грлото на матката во 2004 година. Во Македонија годишно од рак на грлото на матката заболуваат околу 300, а умираат над 30 жени.Честотата на заболувањето во Македонија е зголемена два пати за последните 20 години, со оглед на тоа дека се почесто ракот на грлото на матката се дијагностицира кај се помлади жени.