Ракот на грлото на матката (цервикален канцер) се развива во грлото на матката (цервикс), делот од матката кој се отвора кон вагината. Тој се појавува кога клетките на цервиксот ќе се променат и ќе почнат неконтролирано да растат.

Целта на прегледот (скринингот) за рак на грлото на матката е да се пронајдат променетите клетки на грлото на матката во ран стадиум, кога можат да се отстранат и да не се развијат во рак на грлото на матката. Скринингот за рак на грлото на матката во моментот се врши со употреба на ПАП тест.

Редовно треба да се прегледуваат сите жени на возраст од 20 до 65 години. Прегледот би требало да го вршите еднаш годишно.

Денес е достапна вакцина, со што се намалува ризикот од рак на грлото на матката, но тоа не ја исклучува потребата за преглед. Заедно, прегледот и вакцинирањето ќе овозможат најефективна заштита против ракот на грлото на матката.

Што е рак на грлото на матката?

Ракот на грлото на матката (цервикален канцер) се развива во грлото на матката (цервикс), делот од матката кој се отвора кон вагината. Тој се појавува кога клетките на цервиксот ќе се променат и ќе почнат неконтролирано да растат.

Потребни се многу години променетите клетки од почетните стадиуми да се развијат во рак на грлото на матката. За среќа, раните стадиуми лесно се лекуваат. Но, заради тоа што не се манифестираат со јасни знаци или симптоми, тие може да се откријат само со преглед.

 Зошто да се прегледате?

Целта на прегледот за рак на грлото на матката е да се пронајдат променетите клетки на грлото на матката во ран стадиум, кога можат да се отстранат и да не се развијат во рак на грлото на матката. Лекувањето на понапредниот стадиум на ракот на грлото на матката е многу потешко и помалку успешно.

Oд што се состои прегледот?

Прегледот (скринингот) за рак на грлото на матката во моментот се врши со употреба на ПАП тест. За време на безболниот и краток гинеколошки преглед лекарот нежно ќе земе примерок од клетките на грлото на матката со мала четкичка. Овој примерок потоа се испраќа во лабораторија, каде микроскопски ќе се бараат евентуално променетите клетки.

Нормален наод од ПАП тестот?

Повеќето жени ќе имаат нормален наод од ПАП тестот. Во тој случај ризикот за појава на рак на грлото на матката е многу низок и доволно е да се продолжи со редовни прегледи.

Абнормален наод од ПАП тестот?

Некои жени ќе имаат абнормален наод. Тоа значи дека со ПАП тестот се најдени некои променети клетки од грлото на матката; вистинска реткост е веднаш да биде откриен ракот. Во зависност од наодот, ќе Ви се советува некоја од следните постапки:

• да се повтори ПАП тестот после 3 до 6 месеци,

• да се направи тест за откривање на хуманиот папилома вирус (ХПВ), вирусот кој може да предизвика рак на грлото на матката,

• колпоскопија, постапка која му овозможува на Вашиот гинеколог подобро да го прегледа грлото на матката.

Некои промени треба да се отстранат за да не се развијат во рак. Тоа обично се прави со едноставна процедура, која може да се изведе и во гинеколошка

ординација или амбуланта. Третманот ретко влијае на Вашиот сексуален живот или на можноста за раѓање деца.

Дали прегледот е веродостоен?

Ниту еден преглед не е совршен, па така и ПАП тестот може да пропушти некои случаи на болеста. Ова е причина зошто треба редовно да се тестирате. Она што било пропуштено при првиот преглед, може да се утврди во наредниот, а пред болеста да има време да напредне. Високо квалитетните и добро организирани скрининг програми се многу ефективни, но нема да ги спречат сите слуаи на рак на грлото на матката.