Смртноста од рак на дојка и во Македонија и во светот е на прво место, а лани во земјава биле откриени околу 1.200 новозаболени. Според интернационалниот истражувачки центар за канцер “Глобокан”, Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од канцер се зголемила за околу 9 отсто во последните 15 години, а според бројот на смртни случаи од рак, Македонија е на трето место во Европа.

 Статистичките податоци во нашата земја велат дека истите трендови од Европа за пораст на инциденцата на заболени од карцином на дојка важат и за женската популација во земјава. Инциденцата на карцином на дојка е во пораст. Едноставно кажано, секоја осма жена е потенцијален пациент со карцином на дојка.

Лекарите нагласуваат дека поради овие поразителни бројки, уште поважно е да се подигне свеста кај населението дека раното откривање на болеста е многу важно за нејзино лекување и за зголемување на можноста за повеќегодишно преживување. 
“Како и за секое малигно заболување така и за карциномот на дојка од особено значење е раното откривање на болеста. Пациентките во прв и во втор стадиум на болеста, кога болеста е локализирана во дојката и има зафатено помал број регионални лимфни јазли, имаат поголема шанса за излекување, за разлика од пациентките со понапреден стадиум на болеста. Процентот на петгодишно преживување се намалува со зголемувањето на стадиумот на болеста”, Клучно, пак, за рано откривање на болеста е спроведувањето редовни контроли или скрининг кај жените по навршената 40-та година од животот, со ултразвучен и со мамографски преглед.

Освен редовен скрининг, многу е важно да се подигне и здравствената култура и жените секогаш кога ќе почувствуваат промени поврзани со дојките од типот на црвенило, болка, тврдина во дојката или во пазувите, вовлечена кожа на површината од дојката, вовлечена брадавица, секрет од брадавицата или промена на бојата на кожата на дојката, да се јават на лекар.

Редовниот скрининг на дојка со мамографски преглед во земјава е воведен лани во април, за жените на возраст од 50 до 69 години кои дотогаш никогаш не направиле ваков преглед или не направиле преглед во последните пет години.

– Со оглед на тоа дека се работи за прва година, одѕивот од 35 отсто од повиканите жени да се јават на преглед е добар, но мора и натаму да се подига свеста дека раното откривање на болеста е клучно за нејзино успешно лекување, бидејќи оваа болест се лекува”, вели Биба Додева, претседател на Здружението “Борка – за секој нов ден “.