Ве известуваме дека на 04 октомври 2013 година, се одржа прес конференција во просториите на Здружението за борба против рак “Борка за секој нов ден”, заедно со Министерството за здравство на Р. Македонија, на која беше најавена заедничката активност за подигнување на јавната свест за важноста на превентивните прегледи и раното откривање на ракот на дојката кај жените.
Оваа заедничката активност би започнала да се реализира со купувањето на дигиталниот мобилен мамограф, со кој би се овозможило започнувањето на скринингот за ракот на дојка.
“Прегледите ќе се праваат по региони, согласно здравствената мрежа, каде што ќе биде стациониран мобилниот мамограф. Веќе имаме обучени техничари и доктори за реализација на почетната фаза од скринингот за рак на дојка, кои се обучија во Љубљана каде што веќе се спроведува скринингот. Скринингот ќе се состои од мамографско снимање за жените на возраст од 50 до 70 години, кои ќе бидат повикани од центрите за јавно здравје, а самиот мобилен апарат ќе биде поврзан со докторите, кои во одреден временски рок ќе ги „читаат“ сликите. Во ноември и декември се планира да бидат направени првите прегледи на повикана група на жени од одредена возраст, како вовед во организираниот скрининг.”- изјави Министерот за здравство, г-дин Никола Тодоров.
Г-динот Тодоров јавно се заблагодари на Здружението Борка за несебичната поддршка која ја дава на заболените од рак во изминатите 7 години постоење, како и за многубројните проекти, кампањи, активности кои се посветени за подигнување на свеста кај населението за ракот на дојка во Македонија.
“Тука ни е многу важна поддршката од Борка, како граѓанско здружение да ја пренесе пораката на терен меѓу жените за важноста и значењето на овие прегледи, како и информирање на жените за вршењето на овие прегледи по региони.”– изјави г-дин Тодоров во своето обраќање.
Претседателката на Борка изјави: ” Продолжувањето на соработата помеѓу Борка како невладин сектор и Министерството за здавство е од големо значење, бидејќи само на тој начин може да се постигнат резултати во однос на едукацијата и подигнувањето на свеста кај населението за спреоведување на превентивни прегледи кои можат да спасат многу животи”.
Г-ѓа Биба Додева во своето обраќање ги најави и активностите на “Борка” кои ќе следат од октомври до декември 2013, а се посветени на ракот на дојка. Овие активности се дел од кампањата за подигнување на свеста кај населението за ракот на дојка ”Розов Октомври”, а тие се:
- Oрганизирање на VI–тата Национална Конференција за рак на дојка, 7 октомври 2013 година (понеделник), 18 часот, Музеј на македонската борба за државност и самостојност, Скопје
- Breast Health Day (Ден на здрави дојки) Здружение како полноправен член на најголемата европска асоцијација за рак на дојка ЕУРОПА ДОНА, под името ЕУРОПА ДОНА МАКЕДОНИЈА, ќе го одбележи по трет пат.
- Организирање нa ВИП донаторска забава-Pink Night 2013, за собирање на донации за обезбедување на перики за жените кои се подложени на хемотерапија со низок социјален статус, која оваа година традиционално ќе се организира по четврти пат.
- Издавање на водич за пациенти со метастатски карцином на дојката.
- Розов Караван – започнувајќи од Октомври 2013 па се до Декември 2013 година, во рамките на оваа Кампања ќе бидат организирани 10 предавање за превенција, дијагностика и третман и рак на дојка, низ градовите во Македонија.
O коментари