Во организација на здружението за борба против рак „Борка за секој нов ден„ овој викенд, во Скопје беше организирана тродневна Обука на пациентски организации во здравствениот систем. На обуката присуствуваа претставници на повеќе граѓански организации кои делуваат во областа на здравствената заштита и пружање на помош и поддршка на пациенти со различни болести.

Целта на оваа обука беше да ја зајакнеме мрежата на пациентските организаци, да ги подобриме вештините во застапувањето на пациентите, да развиеме поголема соработка и градење на капацитетите, како и да споделиме заеднички искуства, а со тоа и да влијаеме на подобрување на квалитетот на услугите за пациентите во здравствениот систем во Македонија.

Навистина ни е драго што најпосле организиравме обука со физичко присуство по пауза од две години, односно од започнување на пандемијата. Физичкиот контакт, дијалогот и колективната енергија се незаменливи кога станува збор за вакви обуки – истакна Биба Додева, претседател на Борка

Дали пациентските организации можат да направат промени и дали нашиот глас е посилен кога делуваме заедно? Дали го познаваме нашиот здравствен систем? Како можеме да придонесеме за поквалитетни услуги во здравствениот систем? Каква е нашата соработка со медиумите и како да направиме поуспешни и повидливи кампањи беа темите на кои свои предавања имаа д-р Маја Парнаџиева Змејкова, м-р Снежана Камиловска Трповска, Зоран Стојковски, , Мануела Стојановиќ Пејовски, Павлинка Балиска, Весна Алесовска, Огнен Јанески и Маја Бабиќ.

Предавањата отворија многу теми и прашања и на наше огромно задоволство се отворија интересни дискусии во насока на развивање на нашите организации и подобрување на здравствениот систем кај нас, се со цел подобри услуги за пациентите. На наше големо задоволство особено успешни беа работилниците за подготовка на саморегулативни механизами за мрежи и вештини за застапување на пациентите во здравствениот систем – потенцираше Додева

Во рамките на обуката, беше промовирана публикацијата “Прирачник за застапување на пациентски организации” во издание на Здружението Борка. Целта беше да се креира водич кој ќе им помогне на пациентските организации полесно да ги надминат предизвиците со кои се соочуваат при лобирањето и креирањето на промени во здравствените политики на нашата држава. Прирачникот го подготвија Биба Додева, Зоран Стојковски и Весна Алесовска кои го вложија целото нивно искуство и стекнато знаење при изработка на оваа значајна публикација.

Навистина сме среќни што обуката и прирачникот наидоа на голем број на позитивни коментари од страна на пациентските организации кои воедно покажаа огромен интерес и потреба за спроведување на вакви обуки бидејќи градење на капацитетите е еден од најважните фактори во спроведување на здравствените реформи за подобрување на квалитетот на услугите во здравствениот систем – велат од Борка

Инаку Здружението Борка е гласен застапник на пациентите со малигни болести од каде постојано потенцираат дека ракот е потенцијално излечива болест доколку се открие на време. Токму затоа најголем дел од нивните кампањи се за редовни прегледи, сериозни скрининг програми и навремена детекција на болеста.

 

Огромна благодарност до РОШ Македонија за поддршката на организирање на оваа Обука.

Годишниот план за работа на Здружението за борба против рак “БОРКА ЗА СЕКОЈ НОВ ДЕН” е поддржан од ЦИВИКА мобилитас.