Календарот на компанијата „Пелистерка“ за 2016 година, на чии страници се најдоа ракометарките на македонскиот шампион „Вардар“, од денеска и официјално е пуштен во продажба.
Сите пари собрани од продажбата на календарот „Пелистерка“ ќе ги донира на здружението за борба против рак „БОРКА“. Со тоа официјално ќе почне долгорочното партнерство на компанијата со ова здружение, при што заеднички ќе реализираат бројни проекти од интерес на лицата кои се борат со рак.
Од компанијата „Пелистерка“ се надеваат дека граѓаните и фирмите активно ќе ја поддржат оваа хуманитарна продажба на календарот.
– Секоја година има огромен интерес за календарот, постојано имаме барања од граѓани и фирми да добијат барем еден примерок. Годинава одлучивме да го искористиме тој интерес за хумани цели. Секој што ќе купи календар всушност директно ќе ја помогне борбата против ракот. Горди сме што можеме да го искористиме проектот кој стана заштитен знак на „Пелистерка“ за една хумана цел, бидејќи успешноста на компанијата најмногу може да се мери преку нејзината општествена одговорност – вели Тања Панделеска, маркетинг-директорка на „Пелистерка“.
По шест години издавање на календарот, компанијата за првпат реши годинава да го продава. Ѕидниот календар има ексклузивно пакување, со специјален дизајн кој ја отсликува новата кампања на „Пелистерка“ под мотото: „Во совршена форма“. Цената на календарот е 890 денари, а може да се набави во фан-шопот на „Вардар“ во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, преку интернет-страницата на ракометниот клуб, како и во маркетите на Тинекс и Веро.
Годинешниот календар на „Пелистерка“ ги претстави ракометарките на Вардар во едно сосема ново, поинакво светло од тоа што сме навикнати да ги гледаме. Тие се појавуваат во елегантно и сензуално издание, што предизвика огромен интерес не само во земјава, туку и во целиот регион.
Андреа Лекиќ, Татјана Хмирова, Амандин Лејно, Сираба Дембеле, Андреа Пенезиќ, Ања Алтхаус, се само дел од звучните ракометни имиња на женскиот тим на „Вардар“ кои се најдоа на страниците на календарот на „Пелистерка“ за 2016 година.
Календарот можете да го погледнете на Фејсбук страницата на „Пелистерка“, на fb.com/a.d.pelisterka/albums/956800131060704/
O коментари