Рак на тироидна жлезда
Рак на тироидната жлезда претставува болест каде што клетките на тироидната жлезда стануваат абнормални т.е. неконтролирано растат и формираат клеточна маса – тумор.
Опис
Ракот на тироидната жлезда се групира во четири типа врз основа на тоа како клетките изгледаат под микроскоп. Тие растат со различна брзина и може да се прошират во другите делови на телото доколку не се третираат.
Папиларен тип. Папиларниот тип (60% -80% од сите тироидни карциноми) е бавно-растечки тип на рак кој се развива во клетките кои произведуваат хормони кои содржат јод.
Фоликуларен тип. Фоликуларниот тип (30% -50% од сите тироидни карциноми), исто така се развива во клетките кои произведуваат хормони.
Медуларен тип. Медуларниот тип (5% -7% од сите тироидни карциноми) се развива во парафоликуларните клетки (исто така познати како C клетки) кои произведуваат калцитонин, хормон што не содржи јод.
Анапластичен тип. Четвртиот тип на рак на тироидната жлезда – анапластичен (само 2% од сите тироидни карциноми) е најбрзо растечкиот и најагресивниот тип рак на тироидната жлезда.
Демографија
Според податоците на Американското здружение за рак проценето е дека во 2001 година биле дијагностицирани околу 19.500 нови случаи на рак на тироидната жлезда. Веројатноста за развивање на рак на тироидната жлезда е трипати поголема за жените отколку за мажите. Иако болеста се јавува и кај тинејџери и млади возрасни луѓе, сепак најголемиот дел од заболените се со возраст над 50 години.
Во Македонија инциденцата односно бројот на новозаболени од карцином на тиреоидна жлезда за двата пола изнесува 56 случаи на 100 000 население, додека бројот на смртните случаи изнесува 14 случаи на 100 000 население (GLOBOCAN 2008 fast stats).
Причини и симптоми
Точната причина за појава на рак на тироидната жлезда не е позната, но идентификувани се некои фактори на ризик. Докажано е дека изложувањето на радијација е фактор на ризик за појава на овој вид на рак. Во некои делови од светот храната е сиромашна со јод. Папиларниот и фоликуларниот тип на рак на тироидната жлезда се јавуваат многу почесто во овие области. Околу 7% од случаите на рак на тироидната жлезда се предизвикани поради промена (мутација) на генот наречен RET онкоген, мутација која може да биде наследена.
Симптомите се ретки и јазолот (испакнатината) вообичаено не е болна. Симптомите на тироидни јазли се:
- грутка или чвор (јазол) што може да се почувствува во вратот – најчест знак за рак на тироидната жлезда
- лимфните јазли може да бидат потечени и гласот може да стане зарипнат, бидејќи туморот притиска врз нервите кои водат до гласните жици (гркланот)
- некои пациенти може да имаат чувство на стегнато или блокирано грло и да имаат потешкотии со дишењето и голтањето
Дијагноза
Лекарите користат неколку методи т.е. тестови за да ги потврдат сомневањата за рак на тироидната жлезда, за да ја идентификуваат големината и локацијата на грутката и да утврдат дали јазолот е неканцероген (бениген) или канцероген (малиген).
Еден крвен тест наречен тест на тиреоидниот стимулирачки хормон (TSH) ја проверува функцијата на тироидната жлезда.
Исто така може да се примени тест познат како калцитонин тест. Калцитонинот е хормон кој се произведува од страна на C клетките (парафоликуларните клетки) на тироидната жлезда. Кога парафоликуларните клетки на тироидната жлезда ќе станат канцерогени се произведуваат преголеми количини т.е. вишок од овој хормон. Нивоата на калцитонин во крвта се користат за да се потврди дијагнозата на медуларен тип на рак на тироидната жлезда, во случај да се јави сомнеж за постоење на истиот.
Компјутерската томографија или пак ултрасонографијата (ултразвучно скенирање) се тестови кои се користат за да се произведе слика на тироидната жлезда. Овие тестови можат да утврдат дали јазлите кои се најдат во тироидната жлезда се бенигни цисти исполнети со течност или пак цврсти малигни тумори.
Радиоактивното скенирање (или нуклеарно медицинско скенирање на тироидата) може да се користи за да се идентификуваат абнормални области во тироидната жлезда. За изведување на овој тест на пациентот му се дава многу мала количина радиоактивен јод,
која може да се проголта или да се инјектира. Бидејќи тироидната жлезда е единствената жлезда во телото која го апсорбира јодот, радиоактивниот јод се акумулира таму. Потоа може да се направи рентгенска снимка или пак да се искористи направа таканаречена “скенер” со цел да идентификуваат области од тироидната жлезда кои не го апсорбираат јодот нормално. Овие абнормални места т.е. области се нарекуваат “ладни области” и откако ќе се пронајдат се вршат дополнителни тестови за да се провери дали овие области се бенигни или малигни тумори. Доколку се регистрира значителен износ на радиоактивен јод сконцентриран во јазол, тогаш таквата област се нарекува “топла” и обично е бениген тумор.
Најточната дијагностичка алатка за рак на тироидната жлезда е биопсијата. Во овој процес, се извлекува примерок од ткивото на тироидната жлезда и се испитува под микроскоп од страна на патолог. Примероците можат да се добијат или со извлекувањето на примерок од ткивото преку игла (иглена биопсија) или со хируршко отстранување на јазли (хируршка биопсија). Доколку се дијагностицира рак на тироидната жлезда, се вршат понатамошни тестови за да се добијат информации за стадиумот т.е. фазата на болеста и за да се помогне на докторите да испланираат соодветен третман.
Стадиуми
Агресивноста на секој тип на рак на тироидната жлезда е различна. При одредување на стадиумот т.е. фазата на развој се зема во предвид големината на туморот, дали се има развиено во околните лимфни јазли и дали се има проширено (метастазирано) во други (подалечни) делови на телото. Возраста како и општата здравствена состојба исто така се земаат во предвид. Поделбата на стадиумите на развој на ракот на тироидната жлезда според Американската здружена комисија за карцином (American Joint Commission on Cancer – AJCC) е:
Папиларен и фоликуларен тип
Кај пациенти помлади од 45 години:
- Првиот стадиум (стадиум I) се однесува на пациенти без докази за проширеност на ракот надвор од тироидната жлезда.
- Стадиум II се однесува на пациенти кај кои ракот е проширен надвор од тироидната жлезда.
Кај пациенти над 45 години:
- Стадиум I: туморот е помал од 1 см.
- Стадиум II: туморот се нема пробиено преку капсулата (обвивката) на тироидната жлезда.
- Стадиум III: туморот се има проширено локално, во блиските лимфни јазли.
- Стадиум IV: туморот се има проширено надвор од областа на тироидната жлезда (далечни метастази). Во случај на рак во стадиум IV, местата во кои ракот најчесто метастазира се белите дробови и коските.
Медуларен тип
- Стадиум I: туморот е помал од 1 см или може да се открие само со провокативен скрининг тест.
- Стадиум II: туморот е помеѓу 1 и 4 см.
- Стадиум III: во околните лимфни јазли е откриен рак.
- Стадиум IV: доказ за далечни метастази.
Анапластичен тип
Сите случаи на анапластичен тип на рак на тироидната жлезда се сметаат за стадиум IV, бидејќи овој тип на рак е многу агресивен.
Третман
Папиларниот тип на рак на тироидната жлезда може да биде успешно излекуван.
Фоликуларниот тип исто така има добра стапка на излеченост, но може да биде тешко да се контролира доколку ракот ги нападне крвните садови или прерасне т.е. се прошири во околните структури во вратот.
Медуларниот тип на рак на тироидната жлезда потешко се контролира затоа што често се шири во другите делови на телото.
Анапластичниот тип е најбрзо растечки и има тенденција да реагира доста слабо на сите третмани.
Како и повеќето типови на рак, ракот на тироидната жлезда најдобро се третира кога ќе се открие што е можно порано. Третманот зависи од типот и од фазата на развој во која се наоѓа.
Хирургија. Хируршкото отстранување е вообичаен третман доколку ракот се нема проширено т.е. не постојат метастази во далечни делови на телото. Тоа е примарниот третман кој се користи во случај на папиларен, фоликуларен и медуларен тип на тироиден карцином откриен во рана фаза. Хирургот може да се реши да ја отстрани страната т.е. лобусот од тироидната жлезда каде се наоѓа ракот (лобектомија) или целата жлезда (тотална т.е. целосна тироидектомија). Доколку ракот ги има зафатено и соседните лимфни јазли, тие исто така може да бидат отстранети за време на операцијата.
Зрачење. За папиларниот и фоликуларниот тип на рак на тироидната жлезда, во прилог на операција т.е. хируршки зафат може да се користи и радиоактивен јод. При овој третман потребно е пациентот да проголта т.е. испие пијалок кој содржи радиоактивен јод. Бидејќи клетките на тироидната жлезда можат да апсорбираат јод, радиоактивниот јод се собира во тироидното ткиво со што останува во телото и ги убива клетките на ракот. Во случај третманот со радиоактивен јод да биде неуспешен, може да се примени третман со надворешно зрачење.
За медуларниот тип на рак не се користи радиоактивен јод. Надворешното зрачење може да се користи само како палијативна терапија (третман наменет да ја олесни болката на пациентот, но не и да ја излекува болеста).
Хормонска терапија. Кога тироидната жлезда ќе се отстрани и нивоата на тироидните хормони ќе се намалат, хипофизата произведува хормон за стимулирање на тироидеата (Thyroid-stimulating Hormone – TSH или тиротропин) кој во нормални услови ја стимулира тироидната жлезда да произведува тироиден хормон. Овој хормон исто така ги стимулира клетките на тироидната жлезда да растат, а тоа најверојатно предизвикува и растење на ракот на тироидната жлезда. Хормонската терапија подразбира користење на хормони после операцијата со цел да се спречи овој раст и формирањето на нови канцерогени клетки на тироидата. За да се спречи растот на канцерогените клетки, природните хормони кои (во нормални услови) се произведуваат од тироидната жлезда се земаат во облик на таблети. На овој начин нивните нивоа остануваат нормални и ја спречуваат хипофизата да произведува тиротропин. Доколку ракот се има проширено на други делови од телото и операција не е возможна, хормонската терапија има за цел да ги убие или да го успори растот на канцерогените клетки низ телото.
Хемотерапија. За рак на тироидната жлезда кој е во напредна фаза за кој операција не е опција или други третмани немале ефект, хемотерапијата е опција која може да се проба. За папиларниот, фоликуларниот и анапластичниот тип на рак на тироидната жлезда во напредна фаза не постои хемотерапевтски режим т.е. третман кој може да се смета за стандарден, и во тек се неколку клинички студии со цел да се утврди кои пациенти со овие типови на рак може да се квалификуваат за примена на истите. За анапластичниот тип на рак на тироидната жлезда, некои хемотераписки агенси (доксорубицин, комбинација од доксорубицин со цисплатин) може да влијаат на делумно олеснување кај некои пациенти, но не во големи размери. Пациентите со анапластичен тип на рак на тироидната жлезда исто така може да се квалификуваат за некои тековни клинички испитувања.
Прогноза
Повеќе од 90% од пациентите кои се лекуваат од папиларен или фоликуларен тип на тироиден карцином живеат 15 години или подолго после дијагностицирањето на болеста. Осумдесет проценти од пациентите со медуларен тироиден карцином живеат најмалку 10 години после оперативниот зафат. Само три до седумнаесет проценти од пациентите со анапластичен тироиден карцином успеваат да преживеат до пет години после дијагностицирањето.
Клинички испитувања
Во текот на 2001 година се одвивале седум клинички испитувања врз пациенти кај кои биле дијагностицирани разни типови на рак на тироидната жлезда. Некои од овие испитувања ја проучувале ефикасноста на радиоимунотерапијата и трансплантацијата на периферни матични клетки, комбинирана хемотерапија (со користење лекови paclitaxel, trastuzumab и interleukin-12) како и вакцинска терапија.
Превенција
Од причина што повеќето луѓе со рак на тироидната жлезда немаат познат фактор на ризик, не е можно сосема да се спречи оваа болест. Сепак, ризикот од појава на рак на тироидната жлезда како последица на зрачење може да се намали со избегнување на зрачење на вратот, а можат да се спречат и наследните случаи на медуларен тип на рак на тироидната жлезда. Доколку член на некое семејство ја има оваа болест, останатите членови од семејството може да се тестираат – и по потреба да се третираат порано. Носителите на мутиран RET ген може да ја разгледаат опцијата за профилактичка тироидектомија на рана возраст. The National Cancer Institute препорачува дека на секоја една до две години лицата кои биле изложени на радијација во областа на вратот во детството треба да бидат испитани од страна на лекар. Вратот и тироидната жлезда треба внимателно да се испитаат за можни грутки или зголемувања на околните лимфни јазли. Исто така може да се искористи и ултразвук, за проверка на луѓето кај кои постои ризик за развивање на рак на тироидната жлезда.
O коментари