Почитувани пријатели на БОРКА,

Огромно е моето задоволство што после 10 години, посветена работа, настанот НАПРЕД РОЗОВО стана препознатлив и придонесе за мобилизирање на сите граѓани во Македонија и обединување на сите кои ја преживеале болеста, нивните семејства, пријатели, со цел да се подигне свеста во борбата против ракот на дојката.

Напред розово не е само наш успех. Успех е на сите оние кои ни се придружија, на сите оние кои почнаа гласно да говорат, на сите оние кои преминаа од другата страна на стравот и решија да се соочат со ракот и да дадат поддршка.

Голема благодарност до сите наши поддржувачи, компании со високо развиена општествена свест на кои искрено им благодарам што сите овие години ја препознаваат посветеноста на БОРКА за да направи промени за доброто на сите граѓани. Борка како невладина, непрофитна организација немаше да може да ги спроведува сите активности доколку вие не верувате во нашата мисија и не ја поддржувате нашата визија. Ви благодарам на сите: нашите партнери амбасадата на САД во Македонија со кои уште пред 10 години, заедно ја започнавме приказната за Напред Розово, нашиот стратешки партнер компанијата АВОН, Тинекс, Витаминка АД Прилеп, Фајзер, Рош, Еурофарм, Болница Плодност, Кожуфчанка, Осигурување Македонија, Медикус Хелп, Инфомедија и П Ворлд.

Градоначалниците од Струмица, Виница, Кочани, Велес, Битола, Прилеп, Ресен и Кавадарци ви благодарам што ни овозможивте превоз за Борките од вашите општини да бидат дел од Напред Розово и се надевам оваа наша соработка со локалните самоуправи ќе продолжи и во иднина.

Почитувани медиуми, сите овие години нашата работа немаше да биде препознаена да не бевте вие дел од сите наши активности и кампањи за да помогнете во борбата против ракот. Ви благодарам што сте секогаш со нас и кога треба да ја подигаме јавната свест и да ги информираме нашите гражани, но и кога треба да апелираме за решавање на битни прашања од кои зависи животот на граѓаните во Македонија!

Поддршката од моите колеги е пример дека музичарите секогаш се спремни несебично да учествуваат во вакви настани и да бидат дел од народот. Благодарам на Каролина, Елена Ристеска, Елена Петреска, Маја Гроздановска, Мијата, Тања Кочовска, Пере и Нокаут, Александар Митевски и Бени Шакири!

Благодарам на Лиса Шакири и Лиридона за сите преводи на албански јазик и поддршката во што ова што го правиме за да допре до сите, без оглед на верата и јазикот.

Патрол, вака се чуваат Борките. Ви благодарам.

ФитОне, со вашата зумба секоја година ни ги загревате и мускулите, но и срцата!

Докторите Светлана, Златко, Александар, Нино, Мери….покажавте дека да бидеш доктор не е само професија и лекување на телото, туку и мисија. Вие не ја лекувате само болеста туку и душата. Ви благодарам.

Коки Стаматовски, ти благодарам за издржливоста, трпението и желбата и после 10 години заедно и милион логоа во векторики формат, да бидеш со нас и ја преточиш цела наша замисла во прекрасен дизајн.

Виктор, го долови духот на Напред Розово со твоите прекрасни фотографии. Ти благодарам.

Ангела и Марина, чест ми е што ве познавам! #ДопирајСеРозово продолжува и имаме голем предизвик пред нас!

Дедо Јосиф, дедо Пимен и дедо Јосиф (најмалото, најубавото), ви благодарам за поддршката и за тоа што ги обоивте розови бројаниците. Не нè заборавајте во вашите молитви за подобро здравје на сите луѓе.

Голема благодарност до тимот “Трчам за живот, за надеж, за секој нов ден” кои за прв пат оваа година го истрачаа маратонот на Скопје трча во чест на БОРКИТЕ. Дарко, Атанас, Маринела, Александра, Горан и Наташа, бидете ми живи и здрави, па следната година нѐ чека “розова” трка!

Ване Михајловски, наш Борко, голем борецу за подобра иднина, уште многу километри да извозиш на својот точак а ние Борките секогаш ќе се гордееме со тебе! Ти благодарам за инспирацијата и поддршката!

Најмладите се нашата иднина, а ние веруваме дека имаме добра иднина затоа што ги имаме учениците од НОВА! Ви благодарам драги деца, вашите насмевки беа светлина!

Почитувани министри, политичари и сите вие креирачи на политиките во нашата земја, кои бевте дел од овогодинешната НАПРЕД РОЗОВО, ви благодарам за поддршката! Искрено се надевам дека сите овие ветувања нема да останат само празни зборови, туку наскоро ќе видиме дела. Наскоро ќе видиме зголемена достапност во дијагностиката и рана дијагноза, третман и лекување. Достапност до нови лекови кои продолжуваат живот. Достапност до помагала кои не секој може да си ги приушти со својот скромен буџет. Се надевам дека наскоро ќе видиме стратегија со која реално ќе почнат системски да се менуваат работите, и ќе се надминат проблемите и конечно, нашите пациенти со рак ќе имаат поквалитетен живот. Никој не сака да биде болен од рак.

Оваа дијагноза е најстрашното сценарио со кое може некој да се соочи! Сите ние сме пациенти, придонесуваме како осигуреници во Фондот за здравствено осигурување и сите заслужуваме држава на која приоритет ќе и биде здравјето на граѓаните. Ни значи вашата поддршка во реализација на овие кампањи но без вистински акции ќе остане се само “љубов” на зборови. Ние во БОРКА сме спремни да помогнеме со сите наши капацитети, но но следниот чекор зависи од вас.

Ирена, твоето топло добредојде на секоја наша Напред Розово и твојата секојдневна поддршка е препознаена од страна на Борките. Ти си наша Борка од самиот почеток и знаеш дека те сакаме!

Коста Петров, полесна е борбата кога имаш пријател покрај себе а ние те имаме тебе и верувам дека ќе ги поместуваме границите заедно. За сите Борки, до врвот!

Благодарност до Извршниот одбор на БОРКА, на кој секогаш можеме да се потпреме во креирањето на нови начини за спроведување на нашата заедничка мисија. Да помогнеме на повеќе луѓе. Затоа што како што велат, ако спасиш еден човечки живот, си го спасил човештвото.

 

Драги мои пријатели и сите останати, погледнете каде стигнавме. 

10 години Напред Розово. 

10 години сведоштво за тагата, болката и оддавање на почит кон оние кои ги загубивме. 

10 години сведоштво на силата, храброста, хуманоста и љубовта.

10 години сведоштво дека не сме сами и дека можеме да ги надминеме тешките времиња. Заедно.

10 години Сизифова работа, надеж, будење и лобирање до сите оние од кои ни зависи здравството.

10 години помош и поддршка за другите да победат.

10 години радост за секој нов ден од животот и славење на секоја победа. 

За да се организира овој настан е потребно многу енергија и храборост. Особено кога ќе се соочиш со ракот или ќе изгубиш многу драги луѓе…

А храброста ја имаат сите наши волонтери и членовите од БОРКА, кои секоја година несебично помагаат за негова успешна реализација. 

Да не беа БОРКИТЕ и смислата на ова здружение немаше да постои! 

Ви се восхитувам на сите: Атина, Афродита, Тања, Лиле, Снеже, Зорче, Јасмина, Ленче, Јованка, Кате, Васе, Верче, Маријана, Ѓоко, Иван, Мите, Кети, Вале, Снеже, Марина, Еленче, Јуле, Милан, Јулијана, Мери, Благоја, Николинка, На сите вас, кои и покрај сѐ што поминувате во секојдневниот живот најдовте сила да се издигнете над болката, стравот, неизвесноста, ви се поклонувам и ви кажувам едно огромно БЛАГОДАРАМ!

Оваа Напред Розово беше сведоштво дека сме на вистинскиот пат да сториме нешто не само за нас, туку и генерациите кои доаѓаат.

Ракот ми одзема многу луѓе кои ги сакав но и ми дари еден куп други луѓе кои ми ја вратија вербата, надежта и љубовта. Вас. 

Ве сакам.

Ваша Биба
Претседателка на БОРКА