Победник на новинарскиот конкурс на Борка и МИМ Новинарката Мими Шушлеска од дневниот весник „Шпиц“ победи на новинарскиот конкурс за „Подигнување на јавната свест во борбата против рак на дојка” објавен од Здружението БОРКА и Македонскиот Институт за Медиуми.

Текстот на Шушлеска – „УПОРНИТЕ ГО ПОБЕДУВААТ РАКОТ НА ГРАДИТЕ“ беше одбран од членовите на  жири комисијата во која учествуваа претставници од МИМ и БОРКА, доктори специјалисти за гинеколошка онкологија и пациенти кои ја имаат надминато оваа болест.

Сторијата на Шушлеска се фокусира на прикажување на исповед на жена која ја победила оваа болест, како и важноста на раното откривање на истата. Со освојувањето на првата награда, новинарката Шушлеска, ќе има можност да учествува на европската конференција за рак на дојка во Берлин во април 2008 год., поддржана од партнерската организација на Борка,  „Еуропа Дона“.

Втората и третата награда ќе добијат новинарките Ана Гапо од Семеен Магазин за интервјуто со д-р Светлана Антевска – Грујоска на тема „Во дијагностиката треба да се испочитуваат сите методи“ и Анита Буховски од телевизија „Телма“ за нејзиното известување во прилогот  за кампања за борба против ракот на дојка.

Новинарскиот конкурс беше дел од кампањата за борба против ракот на дојка во Република Македонија што ја спроведе здружението БОРКА.
Главен критериум за оценка од страна на членовите на жири комисијата, беше постигнатото ниво на подигнување на јавната свест за борбата против ракот на дојка во Р. Македонија, квалитетот и квантитетот на новинарското известување како и истражувачката работа, иновативноста, креативноста и етичноста на новинарот, а особено јавната корист и позитивните промени што новинарскиот труд предизвикал во заедницата.

Медиумите имаат особено значајна улога во информирање на јавноста и обликување на јавните ставови во врска со борбата против ракот на дојка. Оттаму и идејата за ваков новинарски конкурс, кој всушност има за цел да ги поттикне медиумите и новинарите поактивно да се вклучат во напорите за едукација на јавноста во Македонија за ракот на дојка, објаснуваат од БОРКА и од МИМ.