Драги мои борци, овој 15ти септември решив да ја споделам со вас мојата приказна со лимфомот. Мојата приказна со ракот започнува уште во 2016 година кога ми беше дијагностициран Хочкинов лимфом. Имав само 22 години. Бев во неверување, во шок, бев преплашена. На клиниката за Хематологија ми беше објаснето дека не е прогноза за смрт, и дека со борба и упорност можам да ја победам. Наскоро и јас се едуцирав малку за болеста и сфатив дека е болест која добро реагира на терапии и дека за жал е се почеста.

Почнав со хемотерапии во дневна болница. Имав и радио терапија на онкологија. После имав по агресивни терапии за кои морав да лежам на клиниката. Имав и трансплатација на коскена срцевина. После тоа следеше имунотерапија. Со оглед на тоа дека никако не можев да се ослободам од болеста пак имав хемо терапија. Долга беше мојата борба. Цели пет години. И да не лажам беше и те како тешко и мачно. Изгубив и добив многу. Ја губев косата, губев апетит, изгубив килограми, изгубив ‘пријатели’ …Но и добив. Сфатив кој е вистински пријател, кој секогаш е тука без оглед на се. Сфатив колку можам да бидам борбена и колку самата сум си поддршка и колку сум силна. Сфатив дека ништо во живото не е важно освен да бидеш здрав, сакан и окружен со вистински луѓе кои ќе те бодрат низ твоите битки. Благодарна сум за таквите личности што секогаш се трудеа да ме насмеат и бидат покрај мене. Сфатив дека сум многу богата. Благодарна сум за секој нов ден во кој се будам и добивам шанса да бидам со моето семејство и моите пријатели.

Лани за прв пат добив чист скен и сум без болест веќе цела година. Морам да кажам дека низ цела борба секогаш бев позитивна и насмеана, но секако дека имаше и мигови во кои се губев малку но набрзо се враќав на нозе и со насмевка. Сакам на сите да порачам дека знам дека не е лесно. Тешко е многу. И кога ви се плаче , плачете. Кога немате енергија , одмарајте. Трудете се да бидете позитивни колку и да е црно во моментот, бидејки никогаш не знаеме што носи следниот ден. И никогаш,НИКОГАШ не откажувајте се!! И за крај морам да напишам дека персоналот на клиниката за Хематологија се најдобри! Секогаш пријатни и се огромна поддршка на нивните пациенти. Преблагодарна сум им засекогаш без нив немаше да успеам!

 

Зорица Стојанова