Пред точно шест години на десетти април 2013 година, добив канцер на десната дојка, а на  денешен ден, 12 април беше мојот 49 роденден, кој моите двајца најмили синови со изненадување ми го прославија во болница. За моја среќа канцерот беше во прв стадиум и поминав само со 25 зрачења и пиев апчиња, поточно тамоксифен.

Бидејќи туморот беше хормонски, од тамоксифенот добив здебелување на матката и за само две години јас морав да правам киретажа на матката. После таа операција, онкологот ми ги смени апчињата, но болеста не застана тука. После две години канцерот ми се повтори, но овој пат на другата дојка. Беше трети стадиум. Поминав многу тешко, морав да примам осум хемотерапии и 25 зрачења. Го издржав сето тоа, беше премачно и преболно, но се борев да издржам се.

После зрачњеата добив силни болки во абдоменот и после низа испитувања открија дека имам тумор во црниот дроб. Сега примам хемотерапија за црниот дроб и се уште се борам со оваа проклета и опака болест.

Животот е суров и тежок, но имам голема поддршка од моето семејство и од моите големи и храбри „Борки“ да продолжам да се борам и понатаму. Голема поддршка додека помиувам низ овој трнлив пат имам од нашата претседателка Биба Додева, како и координаторките на Скопје, Лилјана Николовска, Зорица Аџиевска и сите други Борки. Имам голема надеж и верба во Господ дека сето ова ќе го пребродам и надминам.

Секој ден за мене е нов ден преживеан со моите најмили. Избрав надеж, а не страв.

Јованка Бубало – Скопје