Мојата приказна и не е баш така кратка. Во јануари 2016-тата година се разболев од грип. Не паметам кога последен пат сум имала грип. Само се насмевнав и си помислив дека јас почесто заболувам од рак отколку од грип. Некаде во март во 1997-мата година, подолг период бев незадоволна со случувањата во мојот живот. Бев разочарана и депресивна. Во тој период забележав грутка на мојата десна дојка, но не се осмелив да отидам на преглед. По извесно  време доживеав неколку стресни ситуации во животот и  забележав дека грутката што ја имав на мојата дојка стана  неподвижна,  како  да  се  залепи за телото. Тогаш конечно решив да отидам на преглед.  После сите испитувања докторот ми постави дијагноза која гласеше, карцином на дојка. Не бев  изненадена,  потсвесно како  да  чувствував  дека е карцином. Во  прв момент  помислив дека тоа е  крајот, но потоа  ме  обзеде  лутина и како да се разбудив од депресијата, си реков дека не смеам да дозволам да завршам така, ќе  се  борам до последен  здив.   Следеше операција,  25 зрачења, пет години Тамоксифен. Наредните 18 години редовно одев на контролни прегледи  и се трудев што помалку да мислам на болеста. Дружењето, доброто расположение, музиката и шегите ја заменија депресијата и стравот. Доживеав убави  моменти, мојата ќерката се омажи,  на свет ја донесе мојата внука Мила која ми го смени животот.

Во март 2015-та година повторно доживеав стрес. Карциномот повторно се врати, но овој пат  беа  зафатени  и лимфните  јазли. Поминав низ истиот процес како и останатите жени кои се заболени од оваа болест, операција и хемотерапии. Низ сиот тој метеж, се сеќавам на една докторка која, кога ме  препозна  ми рече „ Да,  се  сеќавам, ти  лежеше  во  собата  со  Мери  и Меџиде,  тие  починаа, а  ти  види  уште  си  жива„.

Да, јас се уште  сум  жива,  пожива  од  кога  да е и немам намера  да  се  предадам!

Ракот можеби ја почна  борбата, но сигурна сум дека јас ќе ја завршам! Напред розово!

Зорица Аџиевска – Скопје