535516_10151446224789454_1073604776_n

Денеска во просториите на Министерството за здравство се одржа прес конференција за најава на кампањата за превенција од рак на дебело црево “Не смислувајте изговори”, која што ќе се спроведе во текот на месец март-Светски месец за борба против рак на дебелото црево, во организација на Здружението за борба против рак “Борка –за секој нов ден”, Министерство за здравство и Институт за јавно здравје.

Д-р Шабан Мемети, Директор на Институтот за јавно здравје, апелираше до граѓаните да направат бесплатни превентивни прегледи за намалување на  бројот од околу 500 новозаболени лица годишно или стапка на инциденца од околу 50 на 100000 жители (2010- 28.6 за мажи и 20.1 за жени).

Во името на Минстерството за здравство, д-р Јованка Костовска, Раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита, ја објави програмата за рана детекција на малигни заболувања во 2013 година, која опфаќа опортунистички скрининг на рак на дебело црево, со цел подобра инфомираност на граѓаните за значењето на раното откривање на КРК заради намалување на морбидитетот (заболување) и морталитетот (смртност). Во текот на овој месец граѓаните кои спаѓаат во ризичната група за добивање на рак на дебело црево, од своите матични лекари ќе можат да добијат бесплатен ФОБТ тест (тест за скриено крвавење во фецес).

Проф. Д-р Мирко Крстевски- гастроентерохепатолог од Клиниката за гастроентерхепатологија- Скопје, информираше за причините кои ја предизвикуваат оваа болест, како и за потребата од правењето на ФОБТ тестот, со цел навремено откривање на ракот на дебелото црево.

Под мотото на кампањата “Не смислувајте изговори“, која се спроведува на европско ниво, а во која учествува и Здружението Борка- за секој нов ден” како полноправен член на Европската асоција за борба против рак на дебелото црево “Еуропа Колон“, обезбеди печатен едукативен материјал за општата популација, со корисни информации за превенција, рана дијагностика и современ третман на ракот на дебелото црево. Исто така за прв пат се изработи водич за пациенти со метастатски колоректален карцином. Во склоп на оваа кампања, Здружението Борка од 15-ти до 18-ти март, ќе постави макета на дебело црево, во трговскиот центар “Skopje City Mall”. Целта на оваа макета е преку експлицитен начин, да се запознае јавноста со ракот на дебелото црево и кои се начините за негова превенција, рано дијагностицирање, како и современ третман. Волонтерите од Здружението во текот на месец март, ќе ги дистрибуираат едукативните материјали, запознавајќи ја јавноста со овој тип на карцином.

Ми претставува огромно задоволство што по петти пат нашето Здружение Борка-за секој нов ден како полноправен член на Европската асоцијација за борба пртив рак на дебело црево Еуропа Колон првапат заедно со Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Здружението на матични лекари, заеднички го одбележуваме Март како светски месец за подигнување на свеста за заедничка борба против ракот на дебелото црево или уште познат како колоректален карцином. Оваа кампања заеднички ја реализираме и сакам јавно да се заблагодарам за соработката и слухот кој релевантните институции го имаат и се надевам дека не само подигнувањето на свеста на граѓаните за редовни прегледи туку и имплементирање на скрининг програма, како и достапност на новата современа  терапија со докажан бенефит за пациентите и мултидисциплинарен приод за  лекување на овој вид на малигном ќе ни бидат заеднички предизвици, кои ќе ги решаваме во текот на оваа година.

Истакна Претседателката на Здружението “Борка- за секој нов ден” г-ѓа Биба Додева на денешната прес конференција.