Ако ви се гади или повраќате, кажете му на вашиот лекар, што е можно порано. Може да се препишат лекарства против повраќање, кои делуваат добро. Во прилог следуваат неколку совети со цел да го насочат пациентот како полесно да ги преброди и надмине несаканите ефекти од хемотерапија.
- Вашата коса
- – Ако лекарствата придонесуваат да ви опаѓа косата, корисно е кратко да се потшишате пред да започне лекувањето. Тежината на долгата коса го затегнува скалпот и може да предизвика побрзо опаѓање на косата. Ако има веројатност да падне целата коса, претходно прашајте го лекарот или медицинската сестра за перика, за да имате доволно време да изберете која е најсоодветна за Вас. Ако се решите, можете да дојдете во Здружението „Борка‘‘за да изберете перика која ќе ви одговара. Кога ќе ви падне косата можете да носите шапка или шал кога излегувате надвор. Користете и турбани. Многу добро се комбинираат со големи обетки, особено во летната сезона. Дури и кога лекарствата не предизвикуваат опаѓање на косата, не ја виткајте за време на хемотерапијата. Ако ја бојадисувате косата, користете боја на растителна основа и прашајте фризер или медицинска сестра за совет. Обидете се да не ја четкате или чешлате косата многу грубо – користете мека или бебешка четка. Избегнувајте користење на бои за коса, маша за виткање на косата или витлери. После миење внимателно сушете ја косата.
- Промени на кожата
- – Ако кожата ви стане сува или ве чеша, мачкајте ја со крем за навлажнување за да ги олесни симптомите.
- Чувства и емоции
- – Многу луѓе осознаваат дека заболените од рак, потребата од хемотерапија и ефектите кои заедно имаат влијание на нивниот живот, предизвикуваат анксиозност, страв или потиштеност. Ако вие се чувствувате вознемирено заради било каква причина, важно е да знаете дека не сте сами. Може да се уверите дека многу луѓе со рак се чувствувале како вас во некој период од лекувањето и дека, исто како и тие можете да се справите со чувството на страв. Еден од првите чекори за успешно решавање на проблемите е да ја најдете точната причина за проблемот.
Може да се чувствувате вознемирено, на пример, прашувајќи се ‘‘Дали лекарствата делуваат?‘‘, ‘‘Какви ефекти ќе има на моето тело сега или на долгорочен план?‘‘ и ‘‘Како ќе се справувам со несаканите ефекти?‘‘. Повеќето пациенти со онколошки заболувања се плашат од иднината и што таа ќе им донесе. Некои не разбираат што се случува со нивното тело и се загрижени од можните ефекти на болеста и лекувањето. Веднаш штом ќе разберете зошто сте потиштени, може да превземете дејство. Информирањето може да ви помогне да го совладате стравот. Вашата емоционална благосостојба е исто толку важна, колку и вашето физичко здравје. Секој човек има потреба од поддршка за време на тешки периоди. Нема потреба низ тоа да поминувате сами. Споделувајте. Ако чувствувате дека потиштеноста зема замав, обидете се да зборувате со некого, кого го чувствувате за близок и кој може да биде добар слушател. Добро е да ги споделите чувствата со нашиот професионален психолог, да ги посетите групите за взаемна помош или едноставно да дојдете до Здружението „Борка“за да добиете поддршка и пријатели. Ако сметате дека е тешко да го надминете периодот на депресија, Вашиот лекар може да предложи еден од постојните видови на лекување, како третман со антидепресиви.
– Како можете да си помогнете сами?
Има начини да си го олесните хемотерапискиот третман. Обидете се да имате позитивен однос. Може да биде корисно да знаете што се е вклучено во вашето лекување, што може да очекувате да се случи, какви се очекуваните несакани ефекти и што може да се направи во врска со тоа. Ако соберете што е можно повеќе информации за вашето заболување и лекување, можете да имате активна улога во борбата со него. Некои луѓе утврдиле дека е корисно водење на дневник или книга за нивното лекување. Тоа може да има и практична корист, како и да ви даде можност да ги изразите своите чувства. На пример, можете да запишувате секогаш кога имате гадење и да разберете дали тоа се совпаѓа со примање на некои лекарства. Со напредување на книгата за вашето лекување, може да биде охрабрувачко за вас, ако погледнете наназад за тоа како сте се справувале со раните периоди на потиштеност. Многу луѓе добиваат сила кога ќе дознаат дека ги надминале тие периоди и може повторно да го направат истото. Во некои случаи, многу позитивно влијание има изучувањето на различни методи за релаксација и медитација.
O коментари