Сите спомнати третмански опции имаат свои несакани ефекти. Некои се силно изразени, некои пак се благи и лесно подносливи. Од одредени третмани може косата да падне, од други може да добиете осип по телото. Сепак, сите сме различни и степенот на изразеност на несаканите ефекти кај секој пациент е различен. Да почнеме по ред:
Несакани ефекти од хируршката интервенција
Најчести несакани ефекти од хируршката интервенција се крварење, инфекција на раната и воспаление на белите дробови или пневмонија.
Несакани ефекти од стандардната хемотерапија
Што треба да очекувате
Генерално хемотерапијата ги напаѓа клетките кои брзо се делат, вклучително и здравите клетки. Зависно од тоа каква функција имаат овие клетки, нивното изумирање ќе доведе до одредени несакани ефекти. На пример, ако хемотерапијата ги уништи клетките одговорни за растот на косата, косата ќе почне да паѓа.
Различните хемотераписки агенси делуваат различно кај различни луѓе. Пред да започнете со хемотерапија, прашајте го лекарскиот тим кој се грижи за вашето здравје, кои несакани ефекти може да ги добиете и како да се справите со нив.
Може да ги немате сите несакани ефекти наброени во следните страници. Но може да искусите и тешка форма на некоја од несаканите реакции. Откако ќе започнете со третманот, соопштете му на вашиот лекарски тим, доколку имате некој од овие или било кој друг несакан ефект:
- Губење на апетитот и губење на тешина
- Гадење и повраќање
- Кандидијаза – беличести наслаги во устата
- Губење на косата
- Замор
- Проблеми со нервниот систем (на пр.трнење на рацете или стапалата)
- Инфекции со зголемена телесна температура
- Чувствувате слабост и изнемоштеност (анемија)
O коментари